Според Левица, трите предложени мерки произлегуваат од препораките и барањата на УНЕСКО, а регионот останал без предложените дополнителни средства.
Најголемиот износ, 60 милиони денари, бил побаран за урбанистичко уредување и справување со бесправната градба. Предлогот опфаќал изработка и ревизија на генералните урбанистички планови за Охрид и Струга, планско уредување на крајбрежјето и евидентирање на дивоградбите. Средства за нивно отстранување би се издвојувале кога за тоа има законска основа.
Со друг амандман Левица побарала 40 милиони денари за изградба и реконструкција на секундарната канализациска мрежа долж Охридското Езеро. Предност би имале Трпејца, Љубаништа, Радожда и другите крајбрежни населени места што не се опфатени со мрежата.
Преостанатите 30 милиони денари биле предложени за научна заштита и следење на состојбата на Студенчишкото Блато и Охридското Езеро.
Левица ги оценила како лицемерни изјавите на Мицкоски дека Владата е посветена на зачувување на статусот на УНЕСКО. Како пример за двојни стандарди, партијата посочила хотел во заштитената зона на охридското крајбрежје, за кој тврди дека му припаѓа на Сашо Мијалков и дека е дивоградба што институциите не ја санкционираат.
Од охридскиот огранок обвиниле дека институциите не реагираат решително кога во заштитената зона се градат објекти поврзани со моќници. Според ставот на партијата, езерото е природно наследство и на идните генерации.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.